June 20, 2008

20/06 SPEECH 3rd - ATHENS (macedonian)

IVICA ANTENSKI

Најпрвин сакам да ги поздравам сите присутни и би сакал да им се заблагодарам на нашите другари од грчка страна кои беа ангажирани. И сето ова што го направија даде навистина голем придонес кон тоа што ние се обидуваме да го направиме против македонскиот национализам и македонскиот милитаризам.

А што се однесува до национализмот, како што кажа претходниот говорник, доколку во Грција имаме намалување на поддршката за националистичките иницијативи, во Македонија имаме драстично зголемување. Би сакал да кажам неколку работи околу сето тоа.

Тие што беа во Скопје се сеќаваат на господинот во публиката кој себеси се претстави како националист и кажа дека е бегалец од геноцидот што во Грција се извршил врз Македонците. А тој кажа дека е националист и дека поради тоа се гордее. Тогаш му изразив сочувство за страдањата, но го потсетив на едно нешто: дека национализмот не може да се победи со национализам туку со антинационализам. И ние денес токму тоа го правиме: на омразата и одговараме со искреност, на недоразбирањата со соработка и на поделеноста со солидарност.

Кога вадев виза во грчката амбасада поминав покрај наоружените полицајци кои што ја чуваат и си го поставив прашањето која е смислата на присуството на барикадите што го ограничуваат пристапот до неа? Одговорот е едноставен. Можна е сериозна закана и постои се поголема и поголема омраза кон Грците и Грција во Македонија и се поголем број на млади луѓе се загадуваат со тоа.

Македонскиот мит за страданието кој што го користат македонските националисти мошне вешто се користи за да се дотура масло на огнот на омразата и тоа често се користи како поддршка за национализмот.

Исто така има уште една голема национална лага која се обидуваат да ја протуркаат и ја користат како извор на своите тези националистите во Македонија. А тоа е митот за големината кој што произлегува најмногу од фрустрациите од моменталната немоќ на нашата држава и поради изолацијата.

Проблемот е што фиксацијата и опседнатоста со Александар Велики и со таканареченото славно минато не е само бегање од реалноста туку и преоѓање во фаза на полититичкото делување на одредени партии во Република Македонија.

Друго прашање кое што воопшто не се поставува е тоа какви идоли обожаваме: дали еден освојувач или касап какав што бил Александар Македонски или еден антички Хитлер треба да го обожаваме и дали војсководачите на кои им се прават споменици во Скопје треба да ги обожаваме.

Во моментов постојат многу посуштински проблеми од ирационалниот спор за името а тоа е многу ирационално поставувано. Кога сакаш да решиш некој проблем,прво што треба да направиш е да поставиш точна дијагноза на проблемот. По мое мислење тоа не се прави во Македонија.

Вистинскиот проблем што постои во Македонија е злоупотребата на различното гледање на историјата и територијалните претензии што одредени структури во Македонија јавно ги изнесуваат. Тоа што во моментов, со оглед на ситуацијата, се маскирани,не значи дека ги нема.

Впрочем, не е сосема неоснован грчкиот страв: имаше сериозни политички партии кои најавуваа оти ке прават конгрес во Солун. Ако продолжат вака да се одвиваат работите веројатно наместо решение ке се создадат поголеми проблеми. Како што одат работите многу е веројатно Македонија да го смени името што ке предизвика дополнителни фрустрации кај македонските националисти и ке им остави трајна лузна. И самото име ке стане споменик на омразата меѓу двата народа.

Ви благодарам.