Kire Vasilev
Sidrofises e sindrofi
Јас сум Кире Василев, дел од организацијата на иницијативите „Не пиеме нафта“, „Против НАТО! Против Македонија во НАТО„ и мојата омилена акција „Вето за национализмот, ембарго за милитаризмот, не за НАТО“.
Зошто велам омилена? Затоа што во очи на целото националистичко безумие кои ги обзема Република Македонија и Р. Грција решивме да се сретнеме и да разговараме со чиста мисла ослободена од секакви предрасуди, догми, стереотипи и национализми.
Ако прашате обичен граѓанин, како ја перцепира сегашната состојба во Р.Македонија тој без двоумење ќе ви каже: иднината на Република Македонија никогаш не била понеизвесна. Грција не го признава нашето име, Бугарија не го признава нашиот јазик, Србија не ја признава нашата црква а Албанците (Косово и Албанија) имаат територијални претензии кон Македонија. Во вакви услови не е ни чудно што национализмот на другите држави се перцепира како закана а сопствениот како одбрана.
Верувам тоа се случува во сите земји на Балканот. Она што ние мораме да правиме е да се бориме на секое поле и во секоја област со национализмот на сопствени држави. Ние сме тие кои треба да ги смируваме работите макар да тоа било и по цена во сопствените држави да не нарекуваат предавници.
Кога зборувам за национализам тогаш и во име на интернационализмот треба да си го напаѓам сопствениот. Така и планирам.
Послем протестот во Скопје, кој го направивме со нашите Грчки другари, ние бевме осудени од скоро сите кои го виделе и се информирале за настанот. Медиумите не ги пренесоа нашите ставови во целост а пак со антинационалистичките ставови на Грците се подгреваа националистите во Република Македонија.
Можеби за некои конкретни работи ќе се повторам во мојот говор но тоа се клучни настани па морам да ги кажам. Тие што не сте ги чуле ќе ги чуете на останатите им се извинувам.
· Премиерот на конзервативната влада Никола Груевски се поклони на гробот на еден од нашите национални херои. Ова немаше да биде толку страшно ако неговите луѓе не ја поставеа картата на „Голема Македонија“ на гробот. По осудата од страна на меѓународната заедница спин-докторите на конзервативната влада ја свртија приказната со изговор дека тоа сето било еден протоколарен пропуст.
· Второ на Македонската национална телевизија во временската прогноза, до пред некое време, одеше карта од „Голема Македонија“. Критиките кон ваквите настани во Р.Македонија се многу мали. На медиумите може да чуете нешто само од маргинални групи на кои не им се пренесуваат целосно изјавите. А медиумите пак во голем дел се приврзаници на Владата.
· Трето. Агенцијата за млади и спорт води кампања за „зајакнување на Македонската националната свест кај младите“. А кај нив пак оваа кампања лесно пали. Целата своја енергија им ја посветија на таа кампања а од друга страна студентските/младинските права постојано се кратат.
· Четврто. Изјавата на Владиката Стефан во Рим. Мислам дека Грчките медиуми во целост ја пренесоа? Заедно со Владиката во Рим беше и Премиерот на нашата Република. Глупаво е да се каже дека тој бил изненаден од неговата изјава.
· Петто. На изборите, кои сега брзо ги имавме, се кандидираа националистички партии со имиња ВМРО–ВЕБ (вардар-егеј-пирин) и ТМРО кои отворено кажуваат дека сите Македонци треба да живеат во една држава. Не освоија многу гласови, но тука може да се препознае тенденцијата на некои мегаломански територијални апетити на националистите во Република Македонија.
· Шесто. Моментално во Скопје актуелна е граѓанската иницијатива за берење на потписи за да може еден град да се преименувава во Александрија и по една улица во секој град да го носи истото име.
· Ова се само дел од видовите на национализам кои се присутни во Република Македонија. Исто така мора да се напомене дека национализмот во нашата држава сеуште не е агресивен. Но што треба да направиме, да чекаме да се разбуди или да ги пресечеме неговите корени додека не е доцна? Треба да се бориме и да го осудуваме дури и ако провокацијата е од типот на забелешката на Дора Бакојани до продуцентите на филмот Индијана Џонс затоа што таму се користело името Македонија и Македонци. Тоа е само подбуцнување на национализмот.
Национализмот е опасна идеологија. Може да предизвика конфликти и војни помеѓу нации-држави. Секој оној кој слепо верува во национализмот не само што неможе да ги види грешките во надворешната политика кои ги прави неговата татковина, туку и ќе ги одобрува и спроведува сите злосторства направени од истата.
Ние, интернационалистите, мора да ги цениме различните култури и да го негуваме стремежот за МИР. Ние мора да се гордеме, не само со тоа што сме граѓани на одредени држави туку и со тоа дека сме горди граѓани на светот.