May 18, 2008

17/05 ЗАЕДНИЧКО СООПШТЕНИЕ - СКОПЈЕ (македонски)

ВЕТО ЗА НАЦИОНАЛИЗМОТ
ЕМБАРГО ЗА МИЛИТАРИЗМОТ
НАДВОР ОД НАТО

Мировните активисти/ки и антимилитаристи/ки од Република Македонија и Грција се среќаваме во Скопје на 17ти Мај 2008 на заедничка јавна дискусија во хотел Континентал, со почеток во 13:00 часот. Говорници: Ивица Антески, Сиси Вову, Кире Василев, Димостенис Пападатос. Фасцилитација: Боро Китаноски. Околу 15:00 часот ќе биде одржана и заедничка јавна прошетка од хотел Континентал до Дом на АРМ и Споменикот на децата бегалци во паркот Жена Борец.
И двете страни имаме намера да демонстрираме една алтернативна слика на актуелниот политички конфликт помеѓу Република Македонија и Република Грција. Целта на овој заеднички напор е да и се прикаже на јавноста дека постојат луѓе од обете страни кои се залагаат за соработка, толеранција и разбирање помеѓу народите кои живеат во двете држави. Исто така, активностите сакаат да манифестираат несогласување со порастот на национализмот и милитаризмот во Република Македонија и Грција како и да ја покажат заедничката посветеност на активистите/ките кон остварувањето на социјалната праведност како централно прашање.
Ние, како мировни активисти/ки од овие две земји би сакале да го кренеме гласот во еден заеднички напор и да и се спротивставиме на актуелната слика создадена од политичарите и медиумите во нашите земји; слика на еден неправеден баланс на моќ кој главно се базира врз милитаризмот и кој како неизбежен резултат го има порастот на национализмот во обете земји и порастот на антагонизмот помеѓу двата соседи.
Место тоа, ние повикуваме на еден однос кој е алтернатива на денешниот однос базиран врз насилство – однос кој би бил базиран врз мирна соработка, солидарност и толеранција. Заедничките пораки кои ги испраќаме се базираат врз следните вредности кои ги делиме:
· Ние се спротивставуваме на сите видови на воена соработка, вклучително и на Северноатлантската Алијанса (НАТО), и бараме ненасилни видови на соработка со цел да изградиме мир во светот.
· Ние веруваме во правото на самоопределување на сите луѓе. Понатаму, бараме мирни односи помеѓу Република Македонија и Република Грција, базирани врз солидарноста и пријателството помеѓу луѓето.
· Бараме признавање и заштита на етничките малцински права на луѓето кои живеат во Република Македонија и Грција.
· Бараме признавање и заштита на јазиците на двете земји, официјалните и јазиците на малцинствата, зашто веруваме дека секој јазик носи културно наследство и значење, и затоа треба да е заштитен.
· Инсистираме на слободата на движење на луѓето, како во смисол на отвореност на границите помеѓу двете земји, така и слобода за политичките бегалци од Грција, кои сега живеат во Република Македонија или на друго место, да можат да се вратат во земјата од која потекнуваат.
· Понатаму, силно веруваме дека е од огромна важност луѓето од Република Македонија и од Грција да работат заедно на изградбата на одржлив и траен мир. Нашата амбиција е да развиеме соработка на иницијативи кои ќе бидат релевантни на актуелниот контекст на нашите општества и кои ќе користат ненасилни методи.

ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА: Мировна Акција, Граѓанска иницијатива “Не пиеме нафта”, Иницијатива “Против НАТО! Против Македонија во НАТО!”, Центар за Одрживост и Напредна Едукација.
ОД ГРЦИЈА: Антинационалистичка - Антимилитаристичка Иницијатива. Учествуваат - поддржуваат: Здружение на Приговарачите на Совеста, Мрежа за Политичките и Социјалните Права, Членови на бившото Антивоено - Антинационалистичко Движење, Младината на Синаспизмос, ОКДЕ (Спартак), Политичка Организација КОККИНО, Автономија или Варваризам, Интернационална Работничка Левица, Слободарска Иницијатива на Филозофски Факултет при Атински Универзитет, Самостојни граѓани против национализмот.